Мисла Плус

МИСЛА ПЛУС БЛОГ Контактирајте ме ако сте заинтересирани повеќе за овие теми или имате какви било критики и обзервации за содржините преку damjancd (мајмунче) gmail.com Овој блог содржи одбрани есеи, текстови и информации со теми често поврзани со: #Трансхуманизам, #Сингуларност, #Транстопианизам, #High-Tech #Бесмртност #Колачиња, #Posthumans... За прашања и коментари посетете го следниот линк: http://mislaplus.tumblr.com/ask

Jan 18

Најдобро Човештво Досега

Законот на Мур кој тврди дека: “Бројот на транзистори што може да се смести на интегрирано коло се дуплира секои две години.” Овој закон не останува стерилен и изолиран само во однос со процесорската моќност, како што Алвин Тофлер тврди во Future Shock и Ray Kurzweil во повеќето негови книги технологијата и комуникацијата се развиваат експоненцијално, за кое јас би додал дека свеста јава заедно со нив и е длабоко поврзана.

Exponential

Досега ние нуркавме во длабочините при почетокот на експоненцијалната крива каде што таа сепак изгледа како спора линеарна права линија со многу мал агол на инклинација. До пред некое време (20 или 30 години) беше тотално оправдано екстремната промена да не биде популарно очигледна, но денеска да се тврди дека нема огромна промена иницирана од технологија или дека самата не влијае би било еднакво на психосоматско растројство. Технологијата променува се, начинот на комуникација во последните години е толку рапидно скоро заменет со еден неперсонален, но ефективно брз начин такашто често луѓето тврдат дека губат контакт со луѓето иако тоа секогаш можат да го направат. Единствено нешто што ги спречува е самата ефективност на комуникацијата што е згодна, пријатна, адаптибилна и корисна. Никогаш интернетот или имејлот не предизвикал ние да не можеме да се договориме да излеземе со некој пријател или да се видиме во живо со бизнис партнерот, тоа е решение од корист и ефективност. Стравот е дека човештвото се дехуманизира, а огромната иронија лежи во тоа што самото човештво и својата уникатна положба на планетата ја должиме на развојот на технологијата или алатките и воопшто свеста која е неодделива од нив. Наивни проекции од страна на технопримитивистички писатели на научна фантастика не тераат да се плашиме од промената и го поддржуваат клишето за страшните машини што ќе дојдат и ќе не освојат.

Самиот инстинктивен отпор кон технологијата што е поврзан со отпорот кон промена и адаптација (нагонот кон навика) и огромното количество на разгорени дискусии околу технологијата и нејзината наизглед претерана апликација докажува дека технологијата има огромно влијание врз човекот, општеството, културата, традицијата и други наизглед неповрзани гранки на човечката дејност. Воглавно во Македонија пристапот кон технологијата и нејзиниот раст е длабоко потценувачки. Кога ќе се спомене технологија, се мисли на мобилни телефони, компјутерски игрици и микробранови печки, што е наивно и ограничено само кон најочигледните првостепени промени што ги носи технологијата.

Сега постои нова парадигма, и промената на парадигмата ќе станува се побрза и интензивна налик на Rollercoaster ride. Сега периодот во кој живееме е толку драстично различен што ни отвара можност да овозможиме бесконечен човеков живот, беспрекорно здравје, и што е најважно влеговме во фаза на потенцијална интергалактичка релевантност. Секој лудит кој тврди дека земјата треба да се конзервира во нејзината оригинална состојба, или човекот да остане човек и покрај се пропагира штетни и невозможни идеологии што би не оневозможиле да бидеме космички релевантни. Невозможни затоа што планетата се менува, со или без човекот, исто и човекот ќе се менува, дури и да не си се послужи со генетска модификација или друга подобност како машини за перење. Човекот ќе продолжи да еволуира, ако воопшто може да преживее уште некое време само со оваа состојба на умот или технолошки развој. Ако веќе имаме неизбежна промена, зошто промената да не ја насочиме во наш бенефит? Не само што можеме да ја искористиме таа шанса, туку и како најсвесен и доминантен вид на оваа планета имаме одговорност да преживееме и да останеме наоколу доволно за да реализираме некаков вид на способност, за нешто што потекнало од оваа планета да има барем тронка влијание во универзумот.

Не е доволно да праќаме временски касули во вселената и да се молиме на имагинарни ентитети тие капсули да слетаат баш на правилната планета, баш во правилно време, и да начекаат баш правилен вид на свест што ќе успее да ги одгатне. Ако се земат последните 50 години, и се разголат за анализа во контекст на прашањето зошто баш сега да е различно, имаме миријада причини зошто никогаш човештвото, а и органскиот живот на оваа планета нема преживеано ваков вид на средина, способност, идеи. Иако е скоро апсурдно да се објасни зошто времето сега се разликува и е супериорно од кое било друго време, јавното мислење сепак тежнее кон релативистички постмодернизам, можно инициран од глобалното “посрамување” на објективизмот од страна на нацизмот и самата Втора светска војна. И покрај глобалната сатурација од бенефитот од технологијата, сепак таа останува најголем субјект на омраза и е обвинувана за алиенација од природната состојба на човекот. Затоа што повеќето од нас ги примаат бенефитите од технолошкиот живот, од фармерки произведени во фабрика преку масовно произведена храна до пеницилин и вакцини на кои им го должиме и животот, ние не смееме да го отфрлиме самото нешто кое ни дозволува пријатен и комфорен живот и воопшто не прави луѓе. Отфрлање и стигматизирање на врвните достигнувања на човештвото е многу неблагодарно и најважно од се, непрактично. Ако нешто функционира, и упорно функционира со години и ни допринесува кон квалитетот на нашиот живот, човек со здрав разум би требало тоа нешто скоро рефлексно да го прифати, без разлика дали тоа нешто наликува многу вонземско или кружат гласини дека ни ја обзема душата.

Во последните години првпат во историјата на познатата историја, ние го имаме потенцијалот да уништиме огромен процент на животот на оваа планета, вклучувајки не и нас самите. Тие што тврдат дека ова е само еден идентичен циклус и науката нема сменето ништо есенцијално, предизвикуваат вакви монументални проблеми како анихилација на целото човештво да бидат оттргнати како невалидни и тривијални, сепак во историјата колку што знаеме не постои случај кога човештвото бидува искоренето, и затоа смртта на човештвото, како и личната смрт, не можеме/не сакаме да ја замислиме. Човештвото се однесува налик на детенце кое си игра во калта неколку секунди пред нуклеарната експлозија во Нагасаки, само што тие неколку секунди можат да бидат неколку години или месеци. Од таа перспектива потребна е итна реевалуација на аксиолошкиот систем, етика и морални вредности, а воедно и ревитализација во смисла на искоренување на плашливиот субјективизам кога се работи за општи и сеопфатни прашања, одговори и решенија. Демократијата не може да даде одговор за сложени социополитички прашања ниту да навлезе длабоко во потребноста од таа ревитализација и ремонт. Демократијата ја промовира толеранцијата и субјективизмот за да може да се амортизираат различните екстремни погледи на луѓето, но кога се работи за поопшти прашања со поголема комплекност, демосот не може и не смее да реши, а воедно и претставниците на демосот не смеат да решат. Во основа повеќето од луѓето се секогаш спремни да скокнат и да ја инвестираат сета енергија во мистичните откровенија кои нудат само површно психолошко задоволство и привидна “татко” фигура, а кон технологијата, која упорно функционира, се однесуваат со масивна незаслужена скепса. Коцкарниците, лотариите и игрите на среќа го искористуваат овој факт и прават прекрасни количества на банкноти врз таа човекова слабост што упорно го инфицира мозокот уште од најраните времиња.

од Дамјан Цветков-Димитров


Jan 12

Образование од навика

Уште од почетокот на стандардизираното и “модерно” образование од страна на католиците, главниот фокус на целиот образовен процес е, учениците да меморираат се што треба, тргнувајки од идејата дека за да се симулираат модерните достигнувања и да се постигне врвот на секоја единка, таа треба да меморира се што треба да прави, за да биде таква. Поради инхерентната традиционалност на образованието и државно поврзаните институции, фокусот на образованието останува на меморија до ден денес, посебно во нашите образовни институции, каде сеуште се смета дека нај неспособните и неадекватните професори сепак треба да предаваат на помали деца, а по доминантните да зафатат повисоки функции “горе”. Државата обично претставува нај скептичкиот и ригиден ред на човекот, приватниот сектор овде ја зема улогата на авантурист и плови во поопасни води, но сепак е длабоко ограничен од државата и законите. Оваа динамика современо работи, функционира доволно добро, но тоа нема да продолжи да се случува уште долго време. Ќе настане шизма кога приватниот сектор ќе вложи огромен притисок врз државата, поради објективната шизофренична брзина на промена во светот и потребата од опстанување во тој економски дарвинизам. Тоа и веќе се случува, но во многу покротка верзија во само-актуелизираните држави. Потребата од пократки copyright времетраења за технологии и иновации е највеќе очигледна во медицината и фармацефтската индустрија.

Приватниот сектор, тоест технологијата сега навлегува во секојдневието на сите луѓе, освен апсолутно амишираните интроверти заглавени во безглавеста носталгија кон некое минато. Државата станува неподготвена да ги подготви и насочи своите чеда поради фактот што таа воопшто не знае што се случува на улица и на брзо променувачкиот пазар. И покрај овие огромни проблеми, државата и државните институции се оставаат да ги поставуваат образовните стандарди, и дури да ги наметнуваат врз приватни факултети. Често студентите се соочуваат со чудна средина за која воопшто не се подготвиле и работите складирани во мозокот за време на четри години студирање се покажуваат како само историски релевантни.

Во вака брзопроменувачки свет, единствена цел на факултетите и сличните институции би требало да биде да ги соберат луѓето заинтересирани за одредени насоки и да им овозможат пристап до информации, олеснета комуникација, работа на проекти и слично. Педагошката функција треба да се искорени од корен, освен ако тоа се работи за некаква подготовка за адаптација, наместо меморирање на извозот на мерино овци од Овчеполе во 1956 година. Дали навистина сакаме хорди од високо спремни аутисти со одлична фотографска меморија? Студент со фотографска меморија, но без никакво разбирање за материјалот и со мала подготвеност за лажење ќе успее без никаков проблем да заврши неколку факултети за рекордно време со одлични резултати, дали тоа е прелажување на системот или само една едноставна огромна дупка на средината на факултетскиот двор?

Како технологијата се приближува се поблиску, за на крај да стане неодделива од нас и дел од нашите тела, така се повеќе ќе биде очигледно дека драконскиот акцент врз меморија неможе да се одржи. Кога имам овозможено пристап до информации побрз од природното сеќавање на една едноставна електронска направа со минијатурен екран, и таа е секогаш со мене, спремна да ми служи, во тој момент треба таа направа да се смета за дел од мене. Јас би одел толку далеку со тоа што би кажал дека тоа е мојата мемориска протеза. Како што студентите со лош вид, им е овозможено да носат очилата, така би требало електронскиот дел од мене да биде признаен како таков. Единствена разлика во метафорава меѓу очилата и електронската направа е што лошиот вид претставува проблем, скромната меморија иницира и гаи адаптација, што е темелот за успех во светот денес, и тоа не е некој спореден темел, туку главниот. Во склоп со огромното количество на се побрзо променувачка информација, мозокот мора да се одржува жив за да се снајде со таа средина. Препуштањето на рутина и секојдневие би значело смрт на пазарот. Ако една компанија не нуди уникатен, паметен и интересен продукт, таа компанија ќе пропадне во безначајност во споредба со другите и поуспешни продукти. Истото важи и за бизнис стратегија и успех во маркетинг. Ако рекламата е генерична, нема да привлече внимание и ќе биде игнорирана со сласт, се додека не продолжи омилената серија.

Порано била очигледна огромната потреба на складирање на информации и стандардизирање на ”од колено на колено” пренесувањето на истите. Тогаш морало да постојат луѓе полни со информации што можат да ги презентираат на кохерентен начин кога има потреба и подолг период да ги задржат тие информации. Сега за тоа имаме ултраспособни пребарувачи и филтри што можат да ви дадат одговор на секое разумно поставено прашање, а датабазите им се значително поголеми од кој било професионален запамтувач во историјата на човештвото. Сега нема никаква потреба од тоа, треба достоинствено да го оставиме првото место, на позаслужни алатки и да се фокусираме на нешто сосема друго. Информацијата е достапна и лесно пристапна, ерата на меморирање станува ерата на адаптација повеќе од кога било предтоа, треба образованието да се соочи со тоа.


Dec 22

Надчовечка интелигенција и ние

“Let an ultraintelligent machine be defined as a machine that can far surpass all the intellectual activities of any man however clever.  Since the design of machines is one of these intellectual activities, an ultraintelligent machine could design even better machines; there would then unquestionably be an “intelligence explosion,” and the intelligence of man would be left far behind.  Thus the first ultraintelligent machine is the _last_ invention that man need ever make, provided that the machine is docile enough to tell us how to keep it under control.”1 - I. J. Good

При подетална анализа на проблематиката и темата можеме да поставиме прашања како на пример: дали има причина за постоење на човештвото одкако технолошкиот развиток ќе го стигне моментот кога може автономно да се движи кон сингуларноста и понатака. Дали може да се нарече човештво склопот на свест што ќе продолжи понатака, иако разликата меѓу тоа и човештвото ќе биде иста како и разликата меѓу едноклеточен организам и адвокат. Дали да се конзервира човештвото преку изолација или тотално да се еволуира над идејата на човекот и сите морални, етички правила што одат во тандем како високо пренослива вирусна инфекција низ вековите, иако општеството претрпува прилично големи промени од квалитативен и квантитативен карактер.

Вернон Винџ, писател, поранешен професор по математика и компјутерски студии, тврди дека “за триесет години ние ќе бидеме технолошки способни да создадеме суперчовечка интелигенција, а кратко потоа човечката ера ќе заврши”.

Но дури и да може воопшто човечката ера да продолжи, и самиот човек во класичната биолошка смисла да продолжи, дали тоа е потребно? Ако тоа се реализира, зарем не би било тоа неприродна состојба на постоење, и дали би се сложил човечкиот род да продолжи да живее, знаејки дека други, иницијално потекнати од него, продолжуваат да живеат живот кој е изразено по значаен и по интензивен интелектуално од нив. Според досегашните примери на резервати, каде што свесни битија, (таканаречени луѓе) се поставени во изолација од општеството, за да задржат некоја карактеристика која конзервативно ја сметаат за карактерна и од врвно значење во нивниот идентитет, тие резервати воглавно не ја постигнуваат иницијалната цел, и полека или брзо се асимилирани од “слободниот свет”. Ако го поставиме прашањето дали е потребно човештвото во свет каде што над човекот е толку различен од човекот, и поспособен во секоја смисла, на случајно одбран човек, шансите да добиеме позитивен одговор без премногу размислување од негова страна се големи, но тоа е рефлексен одговор кој потекнува од себичноста на нашата психологија водена од биолошки нагони, што диктира дека точно оваа форма на живот е најзаслужна да преживее, иако таа се менува и покрај тоа што таа ќе стане, или покрај тоа што таа веќе е застарена и непотребна.

Рапидно растечката технологија ќе придoнесе човекот да се чувствува непотребен и надвор од своето место, како странец во сопствената, сега веќе тотално изменета средина, многу повеќе и попроширено, него сега. Човекот чувствува страв од поголеми револуциски скокови, и не се поистоветува со следното ниво на постоење како што се поистоветува со себеси низ еволуцијата. Чувството за идентитет кај повеќето, полесно се загрозува кога промената е порапидна и не наликува на тоа што го нарекуваме ние. Исто така овде се забележува ургентната потреба за промена и редефинирање на тоа што сме ние, и кон што целиме, поради тоа што со сегашните генетско сенитментални, Speciesism влијаени позиции околу тоа прашање, ќе дојдеме до конфликт со рапидно растечката технологија, што води кон непотребни транзициски борби.

Hugo de Garis http://en.wikipedia.org/wiki/Hugo_de_Garis, е научник кој истражува начин да создаде подобра од човечката дигитална интелигенција користејки генетски алгоритми и cellular automata. Тој претпоставува огромен конфликт меѓу конзервативните Теранци и радикалните Cosmists кои се борат да создадат суперинтелигентни свесни интелекти таканаречени артилекти. Оваа транзициска борба потекнува есенцијално од конзервативната борба против промени што е присутна низ историјата на човештвото, но во последните сто години, таа е драстично акцентирана поради наглиот раст на промената и шокот од потребата за брза адаптација. Потребата треба да го диктира нивото на прифатливост на промената, а не навиката или традицијата. Hugo de Garis тврди дека суперинтелигентен интелект можно е да реши дека човештвото не е баш потребно, и да не елиминира како штетници. Професорот  Kevin Warwick пропаѓира аугментација на човечкото тело до ниво каде што би се развило мозок машина спојување. Тоа би овозможило по глатка интеграција со артилектот што би бил изграден во иднина, и би било многу корисно да се искористат информациите и искуството што го носиме сосебе низ животот.

Имаме огромна причина за избегнување на секаков вид на транзициони борби, што потенцијално би довеле до истребување на човечкиот род, што би довело до губење на информациско и културно искуство врежано во човечкиот род, во кое се кријат историски информации и огромен материјал за истражување од страна на поспособно свесно суштество кое може да го разбере човештвото во целина. Од една страна човекот ќе биде потенцијално уништен од артилектот, како супериорен и по способен вид на свест, но немаме никаков избор освен да ризикуваме со хиперинтелигентна свест затоа што алтернативата е ќорсокак. Ако конзервативно регресираме во некој вид на техно примитивизам и вештачки одржуваме стагнантно ниво на технологија ние не само што се лишиме од огромен краткорочен бенефит, туку се загрозуваме себеси со тоа што остануваме ранливи пред немилосрдниот универзум задржувајки го стерилитетот кон експоненцијален раст и спора природна еволуција која нема да доведе до доволен развој. Како што адаптацијата и еволутивниот развој е есенцијален за краткорочно преживување на видовите во џунглата, така дури и денешниот технолошкиот развој е императив за долгорочно преживување на свеста настаната во соларниот систем. Мислејки на космичките краткорочни и долгорочни времетраења.

Напишано од Дамјан Цветков-Димитров


Dec 14

Трансхуманизам Плус! Повеќе oд Трансхуманизам?

За некои Трансхуманизмот веќе звучи како преминување на границата, но што е самото човештво ако не преминување на природната граница на останатиот органски свет, преку итерацијата на алатки? Ако го извлечеме тој момент на технолошки развој на човештвото, што подразбира и користењето на копје, затоа што копјето може да постои само преку итерација; Копјето се остри со друга алатка, од поедноставна алатка создаваме друга алатка, што во свое време не носи во денешно време; Сигурно и тогаш постоеле тврдокорни скептици што сакале да продолжат да ловат со раце, но благодарение на безмилосноста на дарвинизмот, преживеале само тие кои биле решени и способни да ги искористат ново реализираните алатки. Сега стануваме општество каде што носталгично се бранат алатките и технологијата на својата генерација, ако црно-белиот телевизор бил нај користен кај човек додека тој имал до 30 години, постојат огромни шанси секое следно подобрување на телевизорот (посебно ако биде радикално, како боја), да биде отфрлено како непожелно и дури сатанизирано-често вклучувајки ја грозоморната ментална фотографија како децата гледаат телевизор во боја и стануваат корумпирани и алчни со можностите на новото.

Секоја генерација што ја надминала таа бројка од 30 години инстантно започнува да зацртува носталгични причини зошто новата средина е непотребен луксуз и влијае луѓето да станат мрзеливи и непрепознатливи со нивните рачни компјутери и вакцини против различни вируси. Во главно овде проблемот е губењето на статичниот референтен систем, културата се менува рапидно, средината ја губи својата препознатливост и класичната реакција во тој случај е да се регресира во некој минати, подобри денови длабоко вмрестени во меморијата. Брзината на промена започна да ги изобличува нашите средини и да наликува на собата со магични дисторзирани огледала од некои забавни паркови надвор од нашата држава. Единствена статичност можеме да ја најдеме во нашите мисли или замрсени фотографии кои ги чуваме како единствена врска со нашата вистинска есенција. Овој начин на размислување предизвикува неврално зацементирање од најлош вид, често кулминирајки во напреднати стадиуми на Алцхајмерова болест. Рутинизирањето на секојдневието е порака кон нашето тело и мозок дека предизвиците на животот се завршени и “продавницата може да затвори”, а за да се постигне уште поголема иронија, целокупната средина уште диктира дека тоа е природен и нормален дел од животот. Кога се измислени правилава и од кој? Идејата на модерната медицина и технологија е да ги задржи луѓето во функционална состојба, мислејки на способен адаптибилен мозок, најдолго што може. Зошто тогаш да има одредена година која одкако ќе се надмине, рутинизирањето треба да започне, или активноста треба да опадне? Дали да се придржуваме кон правилата на мудрите во минатото и да го сметаме човекот како неспособен старец на 40 годишна возраст, и покрај тоа што во економска смисла, тоа се нај плодните години? Правилата ние ги создаваме, и како такви треба да ги обликуваме во форма што највеќе одговара со сегашната ситуација, покрај тоа да ги исфрлиме сите претензии и припадности кон традиционалните норми, затоа што ако тоа веќе го правиме, треба сеуште на бебињата да им даваме опиум за да се смират од плачење. Идеолошките Техно-примитивисти, слепо диктирајки ретроградна дееволуција до степен што апсолутно тие го диктираат, поточно нивното чувство на пријатност и носталгија го диктираат, не сваќаат дека за да се изврши апсолутно правилно нивната агенда, треба да се вратиме пред моментот на создавањето копја, да станеме маргинален вид на организам на планетата, и да се откажеме од уникатната различност што не прави луѓе, што не прави барем одредена количина сапиентни.

Сметам дека тоа воопшто не е цел за никој човек на планетата, а тој што верува дека ова би било позитивно, има суицидни мисли за себе, а воедно сака да го задуши развојот кај остатокот од луѓето и да ги претвори во помалку од луѓе. Што е тоа што го етички го диктира ова се повеќе зголемувачко ниво на развој? Зошто толку многу да брзаме, и зошто тоа да е експоненцијално? Затоа што живееме во ужасно непријателски универзум, метеорите воопшто немаат развиено адекватна етика, каде што би се акцентирала свеста над несвесното и мртвото, каде што би се акцентирале тие што имаат можност да се самоодржуваат или да самоодржуваат вид. Мора да се прифати дека секоја генерација и секое време имало сопствено ниво на шок од промената, тоа станува се повеќе интензивно, наша одговорност е да се справиме најдобро што можеме со тоа, како што е наша одговорност да преживееме и да го продолжиме тоа што највеќе не прави луѓе. Како што се приближуваме до нивото на способност радикално да се промениме и оформиме, како што доаѓаме до способност да ја емулираме свеста во чиста форма, или да ја рафинираме, така брзината на промена ќе станува се по рапидна и по неприфатлива од не пластичниот мозок. За повеќе околу одржување на пластичноста на мозокот дури и во поодминатите години, видете: http://www.sharpbrains.com/

http://plasticandplush.com/2009/11/2-jumping-brain-series.html

напишано од Дамјан Цветков-Димитров


Dec 5

Овој текст го пишувам во контекст со горенаведеното видео каде Сашо Ордановски збори за смртта на интернетот. Препорачувам да го погледнете видеото пред да продолжите со читање.


Генерациската дупка се тегне, станува поширока, се ќине на ќошињата. Разлика од 5 години кај конзервативно традиционални луѓе станува масивна дупка со гигантски пропорции. Сега сакам да го анализираме малку автоматскиот психолошки антагонизам кон промена и кон иманентната трансиентност на средината. Одкако го видов видеото, го постирав на мојот Фејсбук да видам какви реакции тоа ќе предизвика. Димитар преку Фејсбук коментар за видеото рече: “Вакви појави не вредат ни за неколкуте мегабајти што ги зафаќаат на youtube, а и незнам зошто воопшто им се обраќа внимание.” Зошто би трошеле време на коментирање и земање во предвид вакви критичари ксенофоби, со менталитет и способност да се адаптира во нова средина слична на некои стагнантни видови на организми? Специфични видови кои се високо специјализирани за одредена средина, температура и екологија, но при првата млака промена, тие изумираат или стануваат тотално дисфункционални во однос на другите организми. Стресот што новата технологија и промена го носи во општеството е сигурно сеприсутен, воглавно поради тоа што со генерации се цели да се постават конкретни и цврсти вредности, идеи, пристапи, што воопшто не е компатибилно со реалноста денеска. Акцентот ретко се става на адаптибилноста, во факултетите се учи како да се меморираат работи, во некои ретко се учи и практична работа, но практичната работа е фиксиран начин како да се постигнат резултати и се базира на книги кои се со пододминат рок и благонаклонетост кон жолтата боја. Одличен пример е учебниците по информатика, а понекогаш и самите компјутери датираат од пред 20 години и се скоро тотално ирелевантни наспроти информатичката реалност “на улица”.

Зошто да реагираме во ваков случај и да го санираме проблемот со јака доза на реалност ако самиот субјект не посакува да ја напушти позицијата, евидентно по тоа дека сеуште ја држи позицијата и покрај очигледните информации за предноста што интернетот ја овозможува? Затоа што го формираат јавното мислење, не само што го формираат туку го претставуваат. Генерациската дупка генерира вакви исклучоци што се симболи на неспособни луѓе што коментираат во нова средина која не е нивното маало. Истите луѓе константно се бунат за новата Техно музика што ја немала душата што музиката од нивната генерација ја имала, притоа не приметувајки дека ја извршуваат конформистичката традиција за извршување на репресија спроти се што дури и најмалку замирисува на ново. Се што е надвор од нивниот концепт за реалност или бидува игнорирано, или гордо и борбено застануваат наспроти тоа, мафтајки со знамето на својата генерација што се повеќе пребледува и се приближува до групата проѕирни нешта. Дијалектиката меѓу новото и старото станува завршена битка каде што старото е мртво, а постои изобилство нијанси и интензитети на ново. Реалноста е дека овие луѓе објективно влијаат затоа што држат институции кои сеуште тотално не ја промениле сржта во склоп на новото време. Тие институции порано означуваа стабилност и неменливост, но сега се рушат и се градат нови додека за момент ни го превзема вниманието како старец налутено мафта со стапот кон големиот рекламен екран сред улица, чекајки да завршат рекламите и да почне програмата. Можеби Сашо Ордановски има селективен избор за која технологија ја прифаќа, а која е позитивна и допринесува кон општеството тоест е круцијална за неговата работа.


Dec 2

Балкански Шок од Иднината

Проблемите  што доаѓаат како последица на промените и забрзувањето на истите сметам дека не се само мечката во аголот од собата што упорно пробуваме да ја игнорираме, туку тие се мечката во аголот од собата што упорно пробуваме да ја игнорираме, но со способност на спонтана делба како начин за размножување. Одговорноста на користењето на технологијата сме ја прифатиле уште од моментот на превземање на алатките, и алатките што усовршуваат други алатки, сега мора да ја спроведеме таа одговорност достоинствено и без сентиментални фиксации кон минатото.

Не  само што средината физички се изменува по забрзана постапка, туку и поголемиот дел од активностите и секојдневните навики мигрираат во светот на единиците и нулите, каде што промената е уште по очигледна и значајна, интернетот е непрестојно променувачко маало со над билион комшии кое никогаш не затвара, не слави празници, не спие и не се одмара.

Одкако  ќе се дојде во контакт со информациите околу оваа тематика, може да се опипа груба, обратно пропорционална паралела помеѓу искуството на една држава (или по изолирана средина, економски или културно) со опширно достапната виша електроника/технологија и квантитативно-квалитативната количина на шок низ кое што општеството во таа држава е подложено. Кинескиот пазар на ефтина електроника нагло го преплавува нашиот пазар, цените на компјутерите стануваат неодолливо примамливи, искуството на општеството со драстични промени (во однос на зголемување на комплексноста, не намалување на комплексноста или деструкција) е минимално, со ова имаме складно зготвена формула за шок од иднината.

Ова сценарио можеби е единствен случај каде што може да се види чекор понапред во ефектите на технологијата во светот, во држава која е по изолирана и по традиционална историска емпирија, забележуваме доцнење со чекор два назад. Од таа перспектива длабоко иронично е да се присуствува во средина која наизглед логично е да заостанува, а нивото/јачината на Шокот од Иднината е симптоматичен на високо развиени општества со ултра изразени технолошки интеграции, и тоа можеби за неколку години од сега. Македонија и земји со слично искуство со високо распределена и достапна технологија можат да бидат предмет за студија за тоа како би изгледало општеството и како би реагирало во случај на експлозија на нови технологии доаѓајќи во судир со навиката и традицијата.

Автор: Дамјан Цветков-Димитров


Македонски ХајТек?

Иако  Македонија не припаѓа на државите со висок технолошки стандард, природата на технологијата, посебно во последните неколку години остава простор за широко распределување на процесорската моќ и софтверската предност, преку драстично опаѓање на цените на електрониката. Дополнителен фактор што допринесува кон проширување на опсегот и достапноста на технологијата, покрај технолошкиот (економски) стандард е ироничната состојба на државите со низок технолошки стандард да немаат доволно спроведени закони против копирање, пиратерија, илегален софтвер.

pirate

Често во собите на тинејџери во Македонија може да се сретне софтвер со вкупен износ на пазарот во Америка од над илјадници долари, кои се придобиени нелегално, и многу едноставно. Од таа перспектива државите што дозволуваат простор за амортизација (не тенденциозно, туку само како последица на неспособноста на институциите за спроведување на законот) за илегален софтвер, доживуваат еден вид на инјекција со технолошки адреналин, кој дозволува забрзан развој и распределеност на технологијата.

Од  ова заклучуваме дека Македонија и не е толку изолирана и  со низок технолошки стандард ако се погледне кон сето ова од софтверска перспектива, која допринесува и ги влече другите технологии сосебе. Пазарот е драстично сатуриран и потопен во евтина електроника од самошто формирани компании од азија со сомнителен квалитет, но затоа со очигледно пониска цена. Потребните фактори за иницирање на некоја почетна фаза на рапидната промена на средината се присутни, моментот кога ќе се оттргнеме од колоквијалното убедување дека никогаш ништо нема да се смени, ќе забележиме застрашувачко променлив свет. Продавницата што вчера беше тука, сега е заменета со продавница за лесна електроника, а веќе утре ќе стане гинеколошка ординација. Стабилноста и непроменливоста на средината што Македонија долго време ја негува, сега станува и самата нестабилна и се руши врз навиката, традицијата и правилниот начин кој сме тренирани уште од раѓање да го пренесуваме и поддржуваме. Што се случува во таа средина, што се случува кога твојот дом и просторот кој го сметаш за свој, почнува рапидно да се менува, за следен пат кога ќе поминеш покрај улицата накај работа, да незнаеш каде се наоѓаш неколку секунди, и сето тоа да станува се почесто.

Автор: Дамјан Цветков-Димитров


Page 1 of 1